08 август 2006

Бладања во ноќта

03:00

Три часот е. Од некаде некоја светилка фрла слаба светлина низ ролетните. Лежам на грб во мојот кревет и зјапам во слабо осветлениот таван. За момент посакувам таму да има залепено постер од Анџелина Џоли. А не ја ни обожавам.

На другиот крај од градот во зграда број 6, на улица Младинска Ударна Бригада, на третиот кат двајца страстно водат љубов. Девојката е прегласна и вришти неподносливо многу. Еден кат над нив, Мирко неможе да спие и сосема спротивно на неговото име станува и почнува разјарено да скока под подот надевајќи се дека ќе биде сфатен. Но зградата е стара, подот стар и трошен и под бесот на рипањето на Мирко наеднаш пропаѓа и Мирко се наоѓа среде љубовното легло, помеѓу двете веќе одамна испотени тела. По кратка и не толку пријатна пауза од неколку секунди молчење, тројцата потонуваат во дива љубов во тројка.

Четворка. Доколку го броиме и принцот што тајно ја милува девојката во нејзините мисли.


05:30

Дури ноќта бавно се претвора во ден, меланхолија ми се вовлекува под кожата. Од под креветот доаѓаат чудни звуци, некакво пискаво стенкање. Тоа глувците се ебат по којзнае кој пат во ноќта. Во аголот од собата го слушам пајакот како се гости со тазе уловена мува.

Во пет и триесет ми текнува колку само мразам поезија. Ја мразев и додека и ја пишував песната па и потоа. Чудно, таа беше воодушевена. Ја прочита и ја зафати некоја чудна еуфорија. Можеби навистина била добра песната. Пота се сврте и така целата еуфорична си замина. Не ја видов никогаш повеќе.

Низ сенките на ноќта постерот на ѕидот пред мене злобно ми се клешти. Како да ме исмева, како да се подбива со мене. А кога ќе помислам само дека токму поради таа насмевка пред некој ден се решива да го оставам закачен на ѕидот. Насмевката ми се чинеше барем фина.

Утробата на ноќта полека се смирува. Врнеше цела ноќ но пrестана пред малku. Сега никој нема да мора да носи чадор за на работа. Можеби ќе има време и клупите на автобуска да се засушат па ќе може да се седне. Се се стишува. Глувците веќе одамна спијат. Пајакот мрзливо чмата во сон.

И сите се некако чудно среќни.
Освен јас ........ и мувата.

09:00

Тишината на денот е веќе сеприсутна. Посакувам барем еднаш да можам да го изменам сценариото и во девет часот наутро некој друг да се искачи на сценава во улога на Преживеан од Сонот. Можеби тој подобро ќе знае да ја одигра целава оваа претстава.

29 јули 2006

Будење

Ме разбуди груба женска рака. Ме нишна два пати.

-"Ајде станувај дете.....време е"

....и веднаш излезе од собата. Сеуште беше многу рано. Веројатно уште немаше ни 5. Преку зелената завеса на прозорот влегуваше слабо светло. Ни сонцето не е изгреано како што треба. Се исправив во креветот и седнав пуштајќи си ги нозете слободно да висат од него. Чудни беа креветите, високи, речиси двојно повисоки од оние дома и неверојатно тврди. И покрај тоа, не ми се стануваше, ми се спиеше до солзи. Но, кога се мора, се мора. Си го протрив лицето со дланките да се расонам. Беа груби и сигурно ќе ме изгребеа да немав на лицето едно неделна брада. Одвојувајќи ги од лицето ги погледнав. Речиси под секој прст имав плускавец а на десниот палец една голема, веќе зарасната расекотина што ја заработив минатат недела. Скокнав на нозе ..... така како што бев, бос. Научив да не ми смета да одам бос. Едвај ги забележував малите каменчиња што, првите денови кога дојдов овде, ми се чинеше дека боцкаат неподносливо. Ја турнав вратата со рамо и полека излегов во малото темно ходниче па од него на терасата.

Знаев дека требаше да дојде деновиве по мене но не очекував да го видам баш тоа утро. Стоеше на терасата, костумосан, поразличен од кој било во близина. Ме прегрна и машки ме истапка по грбот. Не се беше сменил воопшто. Не се беше сменил цел живот, глупаво ќе беше да очекувам да се смени за тие два месеца дур јас бев таму.

- " Мооооре синко! Си се сменил еј! Си се испекол на сонцето!! Ееее викаа сите дај го да ринта негде, само тоа е доволна казна за него! Овие два месеца подобро да ти го дотерале умот!!! " со превиткан показалец ме тресна по слепоочница.

- " Доста мангупирање, слушна?! Се враќаш сега назад со мене, ќе работиш ти сега, ти ќе ја тераш трговијата, бизнисот! Доста ти беше скитање и пијанчење по кафани!! Ама уствари, за тоа се наговоривме уште пред да те бутнам во дупкава, си знаеш ти!"

Стоеше пред мене, поситен и понизок. Ми се кезеше во лице како да сум негова сопственост.....стока. Не го ни забележував.

Сонцето едвај ѕиркаше од зад блискиот рид на исток. Беше сеуште свежо но на небото немаше ниедно облаче па беше сигурно дека тоа набрзо ќе се смени. Ќе биде уште еден пеколен ден. Ги затворив очите. Од позади куќата доаѓаше мирисот од лебот што се пече во фурната. Пред мене мирисаа закачените снопчиња суво нане и чај од мајчина душичка. По звуците што доаѓаа од подрумот и по мирисот што доаѓаше сигурно некоја од жените вади сирење од малите дрвени каци. Убаво, масно, козјо сирење. И тоа сигурно многу има извадено, да стигне за сите. Неморав да ги отварам очите, неморав ни премногу да се напрегам за да сфатам што се се случува околу мене. Изминативе два месеца тоа се повторува секое утро. Рутинска подготовка за денот што следи. Жените го спремаат појадокот, мажите ја средуваат стоката, ги впрегнуваат воловите. Јас се обидувам да се расонам.

- "Што си се здрвил така?! Ајде пакувај парталите и да одиме!!"

Заминавме набрзина, без појадок, без поздрав. По пат во возот ми беше тешко и плачев. Минатите два месеца беа пеколно тешки. Работата беше непорна и исцрпувачка. Ослабев 15 кила и се научив да спијам по 5 часа на ден. Сепак сакав да останам бидејќи таму бев помеѓу луѓе, вистински, добри, чесни и трудољубиви луѓе. Незагадени од зоолошката градина насекаде околу нив. Ме стегаа градите. Несакав назад кај лицемерите. Сакав да скокнам од возот но немав сила, бев уморен од се.



Ме разбуди груба машка рака. Ме нишна два пати.

-"Ајде станувај дете.....време е!!"

Возот стоеше. Купето мирисаше на пот и прашина и дим од евтини цигари. Низ прозорот неможеше да се види сонцето што одамна веќе беше изгреало.

19 јули 2006

Крај

Помеѓу димот од цигари и звуците од некои летни хитови и турбофолк песни, мирисот на нејзиниот Долче Габана парфем беше како освежувачка оаза. Не припаѓаше тука. Во оваа слабо осветлена турканица од тела. Нејзиниот шарм беше за некаде многу подалеку, понастрана од ова место кое мириса на кромид и евтини сапунчиња. Беше поднапиена и лесно правеше место за себе туркајќи ја гужвата наоколу, играјќи, движејќи се некако без врска со ритамот на музиката.

По сето она што се имаше случено помеѓу нас пред три години, не ми беше лесно да и придам прв пат по толку време. Се гледавме по автобуси, низ град, на тротоар, на пешачки.....но секогаш дечко и ја влечеше на страна. Ретко успевав да и кажам повеќе од едно обично здраво а сега беше конечно сама, без него. Порано ја сакав многу, сега веќе и самиот незнев. На моменти ја мразев неа, на моменти себеси но најчесто терав некој сосема нелогичен инает. Најверојатно само се плашев повторно да не ги направам исте грешки од порано. Да останам нем кога треба да зборувам, да не направам ништо кога најмногу треба да дејствувам. Како поради неа, сите мои слабости да испливуваа на површина.


Муабетот половина ни се губеше низ гласната музика но одеше лесно, без усилби, сосема лежерно. Секогаш кога нејзинта коса ќе ми го допреше лицето по малку се здткував и некако се околу мене излегуваше од фокус, но сепак се обидував да останам при себе. По една кратка пауза се привлече сосема блиску до мене и ми шепна:

- "Ќе ми раскине дечкото......знам......ептен ни се заладени односите.....во последно време скоро и да не зборуваме.....сигурно е"

- "Бу...будала е......ако ти раскине" излета од мене онака без врска, кажано на памет

- "Може да најде он многу подобра од мене.....незнам зашто воопшто цело ова време е со мене......."

-"Па ти си премија за него.......ти си поубава од која било друга......"

-"Ти си единствен што мисли така........"

-".....и отсекогаш сум мислел така"


Во тој момент ми ја зема раката и дланката си ја привлече на лицето. Ми се чини на местото каде што ме допираше аголот од нејзината уста ми остана белег. Ако поминам и сега со прст преку тоа место како да имам мала изгореница. Незнаев колку време стоевме така, можеби секунда, можеби минута или многу повеќе. Знам само дека дојдоа другарките и ја одведоа надвор под изговор дека е премногу пијана и дека и е време да си оди дома. Останав на место, не движејќи се, не мрдајќи, држејќи во рака шише одамна изветреано пиво, со милион мисли и слики што ми претрчуваат низ глава. Слабостите одамна веќе работе со полна пареа. Се освестив кога ќелнерот ме истурка на страна за да дојде до шанкот. Ме печеа очите од димот од цигари, ми се лошеше од гужвата, мрзев што сите ме туркаат. Едвај се извлеков надвор.

Подоцна сватив дека воопшто не се бев извлекол, навидум, се повеќе се губев себеси. Не можев да спијам ни да јадам со денови. Ја барав насекаде. Се вратив повторно на тоа место наредната недела но неа ја немаше, ни неделата потоа ни таа после неа. Собрав храброст и да ја побарам на телефон, и беше исклучен. Деновите после тоа станаа летаргични и испразнети од каква било надеж. Спиев се повеќе само за да не мислам на неа, не кревав ролетни, не излегував никаде. Знаев дека е само фаза и дека кај и да е ќе престане па затоа и си дозволив целосно да се препуштам на меланхолијата. Малку мазохизам никогаш не боли премногу.

По неполни два месеца од нашата повторна средба ми стигна писмо. Беше потпишано и од нејзиниот ракопис и од нејзиниот парфем. Се воздржував да не го раскинам пликото на ситни парченца за да дојдам до она што е внатре. Се правев незаинтересирано и ладно, како да добивам известување за заостанато плаќање, и самиот без да знам зашто. Внатре имаше фино декорирано, бело превиткано картонче. На предната страна, две златни црковни ѕвона сврзани со панделка. Внатре, На датум тој и тој во брак ќе стапат божјите чеда ....... и не читав понатаму, се ми стана веднаш јасно! Скокнав директно на крајот каде го препознав нејзиниот ракопис. Пишуваше Извини.......никогаш не сум знаела да правам добри проценки на нештата.

Со насмевка ја испуштив поканата на подот. На екс испив полупразна чаша топла водка и поспано се стутулив на креветот. Конечно ..... крај.

08 јули 2006

Дневникот на Карлсон

Карлсон го познавав добро. Можеби не премногу добро но доволно за да ми каже дека пишува дневник па дури и да ми го покаже и понекогаш да ми дозволи да прочитам нешто од него. Онака, на брзање, од нога. Не беше тоа типичен дневник како оној на девојите што ги познавав. Беше тоа едно старо книжуре од некои стотина листови, со корици од мека, одамна извевтена кожа. Во него Карлсон ги запишуваше своите литературни обиди. Мене повеќе ми личеа на исповеди во црква или пак на недовршени писма но сепак беа премногу чисти и невини за да се осмелам и да му кажам дека никогаш од него нема да стане добар писател.

На моменти ми се чинеше дека сепак Карлсон многу добро го знае тоа. Еднаш го бев прашал зашто го чува дневникот на терасата, затворен дури во пет кутии и тоа сместени една во друга. Со гримаса на лицето ми рече:

"Смрди брат! Смрди се од него! Морам да го затворам да не се шири смрдеата! Што?! Зар тебе не ти смрди?! ........ ако не, држ, прочитај го ова последново што го начкрапав"


Во неа наоѓам инспирација за све. Целата таа е една
голема инспирација самa по себе. Како оди, како се смее, како зборува.
Тоа што е слаба, тоа што е висока, особено тоа што е плава.
Тоа што има мали цицки, дури тоа што газот и е рамен а ја ич неќам рамен газ.
Ме инспирира кога во автобус божем несакајќи ме допира за рака, кога
изненада ќе ми се јави и ќе ми каже дека доаѓа на кафе.
Обожавам кога ќе остави отисок од нејзините прсти
на кориците од книгите што и ги позајмуем.
Ме инспирира дури и кога ќе ме извиси, кога нема да се јави
кога нема да пише, кога ќе излаже дека ќе излеземе во петок.
Али ипак, највише сакам кога ќе ми го умириса јастучето
на нејзиниот парфем. Така дел од неа останува кај мене дури и кога
ќе си отиде.

Пред недела дена и се јвив по телефон. И кажав дека напишав нешто многу убаво а она ми рече ..... "Па што мие гајле?!". У тој момент сватив дека ја чуствувам неописливо многу. Неможев да дефинирам какво чуство беше тоа али знам дека во тој мал момент, тоа беше најсилното чуство што постои на светот! Веќе после пола саат од нашиот муабет, повторно ми недостигаше нејзиниот глас. Сакав да плачам. Немав солзи.

Тоа беше и последното нешто што некогаш го прочитав од него. Кутриот Карлсон.

Во Дудинковата Улица (дел први)

Петко Бувот беше бивш член на КПЈ, дел од нејзините највисоки кругови. Сега, веќе одамна пензиониран но сеуште прилично крут во своите верувања, впрочем, ист како во своите најцрвени денови.
Соседите негови велат бил толку закоравен што кога за минатиот Бадник тетка Крстана, инаку негова долгогодишна сопруга, по толку години за прв пат решила да направи лепче со паричка , Петко Бувот збеснал! Цела зграда можела да го слушне како и ја пцуел верата и иконите и црквите а најмногу името. Лепчето пак, преку затворениот прозорец се нашло закачено во крошната на една од дудинките. Тетка Крстана црвенеела двојно. Еднаш поради срамот од својот сопруг и уште еднаш што никако не успевала да направи убаво, меко лепче што барем еднаш нема да го пробие прозорецот.

Ете, истиот тој Петко Був, таа кобна летна вечер, беше излегол на терасата со својата ловџиска пушка да се олесни малку од нервозата која хронично го напаѓаше доцна навечер. Стои така Петко на четвртиот кат, се загледува кон ноќното небо, одвреме-навреме замазнувајќи си ги и така замастените бркови. Њури, њури се така нагоре, како да бара нешто! И ете наеднаш пред него, токму над патот, помеѓу дудинковите крошни, соседот од приземје лета во сон! Мирен човек тој соседот, незапослен филолог, несуден писател, секогаш со главата во облаци. Никој незнаеше како точно му е името, едноставно го викаа "Карлсон".

Се намести убаво Петко, длабоко зема воздух, нанишани. Кутрот Карлсон, токму во најубавиот дел од сонот, сега баш кога требаше со дотогаш невидена пируета да се вивне нагоре кон височините, беше најгрубо прекинат! Се слушнаа два, тапи, длабоки истрели од балконот на Петко Бувот.
"Аха!! Конечно те погодив!!" извика тој дур го гледаше телото на Карлсон како стрмоглаво паѓа кон асфалтот!

23 април 2006

Круг

Во автобус накај дома уште од почетна седнува до мене една досадна девојка. Досадна во секој можен поглед. Веднаш го вади фишекот сончоглед и ненаситно се дава на работа. Грицка и јаде ненаситно како само што да завршила 10 годишен пост а воопшто не изгледа недоисхрането.

Гледам низ прозорот и се обидувам да ја игнорирам но безуспешно. Како капки од високо што паѓаат во каленица полна вода во најстрашните Јапонски затвори, така грицкањето ми мава по ганглии. 250,251, 252 зрнца.......бескрајно измачување. Се обидувам да мислам на ЕффЕ и на нејзината нова фризура, на тоа како лошо ме лаже кога кажува дека се грижи за мене и дека барем еднаш дневно помислува на мене. 302, 303, 304 ...... ни мојата љубов кон ЕффЕ не е посилна од звукот кој доаѓа од помеѓу секачите на досаднава девојка. 311, 312, 313 ....... неуморно патуваат излупените зрнца од устата, во голтникот па преку хранопроводникот директно во желудникот. Ми се чини можам да го чујам секое нивно поединечно превртување на тој краток а толку досаден пат.

И наеднаш гледам а не ми се верува, го вади девојката 314тото зрнце од фишекот и го принесува кон устата. Но тоа воопшто не е зрнце но црна злобна бубачка со големина на нокт (кутрата девојка, сигурно е среќна што наишла на така крупно зрнце). Ме гледа бубачката и ми се насмевнува притоа злобно штракајќи со двата предни, остри заба што наликуваат на два ножа од косилка за трева.

Се впушта бубачката по тобоганот на внатрешните органи што ја водат во морето на желудочни киселини. Киселината како катализатор ја забрзува хермафродитската моќ на моето мало црно пријателче и тоа почнува забрзано да се размножува. x2 x2 x2......... милиони и милиони мали бубачки што забрзано почнуваат да ја јадат внатрешноста на девојката. Од тука натаму се е молскавично брзо, не побавно од едно собирање на зеницата при јака светлина! Го снемува желудникот па тенките и дебелите црева, па нагоре, па надоле....! Наеднаш на седиштето до мене останува само рој гладни црни бубачки кои ненаситно продолжуваат да се хранат една од друга, за да на крајот преживее само една, која од прејаденост експлодира во црно, мало облаче од нервоза и лоши чуства! Тивка мала имплозија!

Го кревам полупразниот хартиен фишек од подот и стуткан, преку прозорецот го фрлам директно во контејнерот во движење.

На наредната автобуска се качува ЕффЕ и јас со задоволство ја дочекувам сета нејзина убавина на празното седиште до мене. Безволно ме бацува во образ и ми кажува како цел ден го поминала со неколку нејзини пријатели седнати на кафе. Буричка по нејзината торба и вади бел хартиен фишек:

"Сакаш сончоглед душичке?"

02 март 2006

Циркус

" Ќе ти дадам паричка стара 100 години. Ти закопај ја некаде под срцето, покриена со пластови болка и тага! По 6 дена изблуј ми ја на дланки а јас ќе ти гатам на неа, ќе ти ја кажам иднината, ќе ти го најдам лекот! "

Ми се вртеа низ глава тие зборови на старата циганска гатачка што ги чув дур се обидуваше да заработи по нешто од глупавата толпа луѓе. Сега, точно месец дена по денот од нивното доаѓање, циркусот си заминува од мојот мал град. Во ова доцно августовско попладне неможеше да се случи нешто потажно. Сите деца беа излезени на улиците да ја поздрават гледката што им ги разубавуваше минатите денови. И јас бев таму некаде.

Со главата протната низ решетките на железната ограда од нашиот двор, со влажен поглед ги отпраќав шарените коли влечени од најубавите коњи што некогаш ги бев видел. Една по една, низ прашината на патот, ми се губеа од погледот некаде по удолнината. Најпрво од поглед ја снема колата на одачот по жица, потоа онаа на голтачот на оган а еве сега полека се губи и онаа на гатачката. Полека но сигурно, циркускиот караван со своите триесетина разнобојни коли исчезна од видикот.

Бришејќи си ги солзите што ми течеа по образите, со раце извалкани од `рѓавото железо , слушав како мојата куќа врие од гласови! Дедо ми повторно кашлаше стутулен којзнае во која соба дури татко ми на цел глас го колнеше виновникот што му ја изместил антената од радиото. Мајка ми, како по обичај, бараше каде ли сум се сокрил овој пат:
"Синко!! Ајде доаѓај да ги пробаш панталоните!! Ајде! Знаеш дека утре ти е прв ден на училиште! Синко!! Не ме терај да ја барам прачката!!" - се дереше на цел глас.

Ете, тоа циркусот воопшто не си одеше но доаѓаше. Се враќаше од заслужен едномесечен одмор. Заслужен не за циркусот, но за мене.

21 февруари 2006

Гласник

"Драга, извини што можеби ова не е многу читко но морам да брзам, мислам дека дознаа дека им го украдов пенкалото и сега сеигурно ќе дојдат по мене..........ете, ми се чини дека веќе доаѓаат по ходникот.......

...... и извини за капкиве пот но премногу е топло во малово собче.......не, не се солзи! Та зашто би плачел кога имам толку многу причини да се радувам......

Сепак, мислам дека ти должам објаснување, затоа и ова писмо!
Откако те сретнав за прв пат ми се чини минаа стотици векови а сигурно поминале само неколку. Од тој момент јас немам мир! Ти ми стана се на овој Свет, причина да живеам, причина да умрам и повторно да се родам. Правев се за да ти се приближам, да бидам барем малку во твоја близина иако знам дека ти ни во секунда не беше свесна за моето постоење. Минатиот пат стигнав толку блиску но ете, проклетиот воз мораше се да расипе и да не раздели толку далеку, како никогаш претходно.

Овој пат се тргна поинаку уште од самиот почеток. Тоа што мајка ми умре во моментот кога ме донесе на Свет и тоа што татко ми подоцна целосно си ја удави душата во безброј шишиња вино знаев дека неможе да е добар знак. Сето тоа ми ја отежна работата и остварувањето на мојот голем план. Планот конечно да бидеш моја! Колку и да се трудев, секогаш постоеја некои злобни, невидливи раце кои ме влечеа подалеку од тебе. Ете, по којзнае каква ли грешка завршив во оваа правлива и нечиста зграда на крајот од градот и тоа со луѓе кои ни приближно не одговараат на висината на мојот интелект!!

Драга......доаѓаат! Морам да бидам краток!
Едноставно неможам повеќе да се трудам да успеам, се е премногу мачно! Затоа решив се да прекине тука и сега........ и да се обидам повторно од почеток. Свесен сум дека тоа ме одалечува од тебе многу години но барем наредниот пат кога ќе се видиме ти веќе ќе го имаш ова писмо. Среќен сум што конечно ќе бидеме заедно!

Драга......доаѓаат! "

Кога докторот и двајцата ќелави од обезбедувањето влегоа во малата остава на крајот од ходникот се што видоа беше ова писмо како носено на дланките од промајата полека слетува на подот. Докторот набрзина прескокна до прозорецот на другиот крај. Глетката не беше најпријатна. Никогаш не е пријатно да видиш мртовец во доцните денови на јули.
По неколку секунди поминати гледајќи го безживотното тело на пациентот, некои три ката удоле, им се сврте на двајцата ќелави што послушно стоеа позади него:

"Јавете на полиција. Кажете им........незнам! Излажете нешто! Кажете дека го украл клучот, несмеат да сватат дека сме го оставиле незаклучен.........!
Потоа набрзина излегоа, најверојатно да ги завршат сите административни работи околу смртта на пациентот!

Полу испишаниот лист хартија остана да лежи на подот од оставата, осветлена од ширум отворениот прозорец. Го подигнав од подот и грижливо го спакував во светло син коверт. Ги запишав неговите иницијали со сребрени букви во десниот горен агол, така сакше тој. Сега морам да тргнам на пат, писмото мора да се испорача, гласникот мора да си ја заврши својата работа!

16 февруари 2006

Среќа

Седејќи во паркот набрзина го одвитка купчето во неговиот скут, завиткано во евтина бакалска хартија. Веднаш го заудри јакиот мирис на сирењето. Го зеде средно големото грутче во десната рака и го погледна. Бело и убаво, му се виде дека тоа му се насмевнува па и тој му возврати со насмевка.

Со два прста чепна мала ронка и ја вкуси. Срцето му заигра од возбуда а играта на рончето сирење по неговите сетилни клетки му се причини како да трае една цела прекрасна вечност. Голтна......па воздивна длабоко. Таман се спреми да го прими во себе остатокот од постоењето на средно големото грутче сирење, пред него, сосема ненадејно, се појави неговата другарка од соседната клупа.

Го гледаше со неизмерна желба, де него, де миризливото сирење, а рацете срамежливо и стоеа стуткани позади грбот. Се потргна во лево и и направи место да седне. Таа седна до него и ја мушна раката во џебот од неговиот тенок капут. Го подели сирењето на два еднакви дела и сосема задоволен едната половина и ја подари неа.

Јадеа дур гледаа како паѓаат последните есенски лисја. Зимата доаѓаше. Воздухот веќе мирисаше на снег и на големи студови. Во тој момент, тие двајца, чуствуваа дека се најсреќните луѓе на Светот.

.......а имаа толку малку причини за тоа.

15 февруари 2006

Будала

На господин Слон уттринава му беше многу лошо.
Повраќаше цело време а сурлата му беше сосема невесела.
Мислам дека не му беше од претходната вечер, не беше препил иако и то знаеше често да му се случи.

Овој пат беше серизоно, господин Слон нешто тешко го мачеше. После повраќањето му настапи долг период на тешка меланхолија. Пвеќе не беше ни розев но некако тажно модар. Потиштен, се беше стуткалво аголот од собата.

Покрај него и мене ми беше тешко, се чуствував празен. Како некој да ми ја извадил утробата и потоа врз мене да фрлил цела планина!
Станав мрзоволно од креветот и му врзав шамар преку тилот за да се освести и да престане и мене да ме измачува. Господин Слон на тоа само бавно се сврте и ме погледна со едни очи најтажни на сиот свет. Мене од тој поглед толку ми се одмили овој беден живот што веднаш се затрчав и се фрлив низ прозорецот. Слетав директно на глава, среде небото.

А таму .... од ѕвезди исткаен нејзиниот лик. Лебди околу мене, де се приближува, де се одалечува. Ми се смешка, ме задева а јас по илјадити пат безуспешно се обидувам да ја прегрнам, пловејќи низ бескрајот.


Ме разбуди мобилниот. Порака! Па зарем се пишува волку рано наутро?!
Ах, од неа е! Читам набрзина......... Хм, повторно и е потребно нешто на заем.
Воздивнувам!

Некаде во аголот воздивнува и господин Слон но со сурлата чудно пркната нагоре. Будала е овој господин Слон.