21 февруари 2006

Гласник

"Драга, извини што можеби ова не е многу читко но морам да брзам, мислам дека дознаа дека им го украдов пенкалото и сега сеигурно ќе дојдат по мене..........ете, ми се чини дека веќе доаѓаат по ходникот.......

...... и извини за капкиве пот но премногу е топло во малово собче.......не, не се солзи! Та зашто би плачел кога имам толку многу причини да се радувам......

Сепак, мислам дека ти должам објаснување, затоа и ова писмо!
Откако те сретнав за прв пат ми се чини минаа стотици векови а сигурно поминале само неколку. Од тој момент јас немам мир! Ти ми стана се на овој Свет, причина да живеам, причина да умрам и повторно да се родам. Правев се за да ти се приближам, да бидам барем малку во твоја близина иако знам дека ти ни во секунда не беше свесна за моето постоење. Минатиот пат стигнав толку блиску но ете, проклетиот воз мораше се да расипе и да не раздели толку далеку, како никогаш претходно.

Овој пат се тргна поинаку уште од самиот почеток. Тоа што мајка ми умре во моментот кога ме донесе на Свет и тоа што татко ми подоцна целосно си ја удави душата во безброј шишиња вино знаев дека неможе да е добар знак. Сето тоа ми ја отежна работата и остварувањето на мојот голем план. Планот конечно да бидеш моја! Колку и да се трудев, секогаш постоеја некои злобни, невидливи раце кои ме влечеа подалеку од тебе. Ете, по којзнае каква ли грешка завршив во оваа правлива и нечиста зграда на крајот од градот и тоа со луѓе кои ни приближно не одговараат на висината на мојот интелект!!

Драга......доаѓаат! Морам да бидам краток!
Едноставно неможам повеќе да се трудам да успеам, се е премногу мачно! Затоа решив се да прекине тука и сега........ и да се обидам повторно од почеток. Свесен сум дека тоа ме одалечува од тебе многу години но барем наредниот пат кога ќе се видиме ти веќе ќе го имаш ова писмо. Среќен сум што конечно ќе бидеме заедно!

Драга......доаѓаат! "

Кога докторот и двајцата ќелави од обезбедувањето влегоа во малата остава на крајот од ходникот се што видоа беше ова писмо како носено на дланките од промајата полека слетува на подот. Докторот набрзина прескокна до прозорецот на другиот крај. Глетката не беше најпријатна. Никогаш не е пријатно да видиш мртовец во доцните денови на јули.
По неколку секунди поминати гледајќи го безживотното тело на пациентот, некои три ката удоле, им се сврте на двајцата ќелави што послушно стоеа позади него:

"Јавете на полиција. Кажете им........незнам! Излажете нешто! Кажете дека го украл клучот, несмеат да сватат дека сме го оставиле незаклучен.........!
Потоа набрзина излегоа, најверојатно да ги завршат сите административни работи околу смртта на пациентот!

Полу испишаниот лист хартија остана да лежи на подот од оставата, осветлена од ширум отворениот прозорец. Го подигнав од подот и грижливо го спакував во светло син коверт. Ги запишав неговите иницијали со сребрени букви во десниот горен агол, така сакше тој. Сега морам да тргнам на пат, писмото мора да се испорача, гласникот мора да си ја заврши својата работа!

16 февруари 2006

Среќа

Седејќи во паркот набрзина го одвитка купчето во неговиот скут, завиткано во евтина бакалска хартија. Веднаш го заудри јакиот мирис на сирењето. Го зеде средно големото грутче во десната рака и го погледна. Бело и убаво, му се виде дека тоа му се насмевнува па и тој му возврати со насмевка.

Со два прста чепна мала ронка и ја вкуси. Срцето му заигра од возбуда а играта на рончето сирење по неговите сетилни клетки му се причини како да трае една цела прекрасна вечност. Голтна......па воздивна длабоко. Таман се спреми да го прими во себе остатокот од постоењето на средно големото грутче сирење, пред него, сосема ненадејно, се појави неговата другарка од соседната клупа.

Го гледаше со неизмерна желба, де него, де миризливото сирење, а рацете срамежливо и стоеа стуткани позади грбот. Се потргна во лево и и направи место да седне. Таа седна до него и ја мушна раката во џебот од неговиот тенок капут. Го подели сирењето на два еднакви дела и сосема задоволен едната половина и ја подари неа.

Јадеа дур гледаа како паѓаат последните есенски лисја. Зимата доаѓаше. Воздухот веќе мирисаше на снег и на големи студови. Во тој момент, тие двајца, чуствуваа дека се најсреќните луѓе на Светот.

.......а имаа толку малку причини за тоа.

15 февруари 2006

Будала

На господин Слон уттринава му беше многу лошо.
Повраќаше цело време а сурлата му беше сосема невесела.
Мислам дека не му беше од претходната вечер, не беше препил иако и то знаеше често да му се случи.

Овој пат беше серизоно, господин Слон нешто тешко го мачеше. После повраќањето му настапи долг период на тешка меланхолија. Пвеќе не беше ни розев но некако тажно модар. Потиштен, се беше стуткалво аголот од собата.

Покрај него и мене ми беше тешко, се чуствував празен. Како некој да ми ја извадил утробата и потоа врз мене да фрлил цела планина!
Станав мрзоволно од креветот и му врзав шамар преку тилот за да се освести и да престане и мене да ме измачува. Господин Слон на тоа само бавно се сврте и ме погледна со едни очи најтажни на сиот свет. Мене од тој поглед толку ми се одмили овој беден живот што веднаш се затрчав и се фрлив низ прозорецот. Слетав директно на глава, среде небото.

А таму .... од ѕвезди исткаен нејзиниот лик. Лебди околу мене, де се приближува, де се одалечува. Ми се смешка, ме задева а јас по илјадити пат безуспешно се обидувам да ја прегрнам, пловејќи низ бескрајот.


Ме разбуди мобилниот. Порака! Па зарем се пишува волку рано наутро?!
Ах, од неа е! Читам набрзина......... Хм, повторно и е потребно нешто на заем.
Воздивнувам!

Некаде во аголот воздивнува и господин Слон но со сурлата чудно пркната нагоре. Будала е овој господин Слон.