02 март 2006

Циркус

" Ќе ти дадам паричка стара 100 години. Ти закопај ја некаде под срцето, покриена со пластови болка и тага! По 6 дена изблуј ми ја на дланки а јас ќе ти гатам на неа, ќе ти ја кажам иднината, ќе ти го најдам лекот! "

Ми се вртеа низ глава тие зборови на старата циганска гатачка што ги чув дур се обидуваше да заработи по нешто од глупавата толпа луѓе. Сега, точно месец дена по денот од нивното доаѓање, циркусот си заминува од мојот мал град. Во ова доцно августовско попладне неможеше да се случи нешто потажно. Сите деца беа излезени на улиците да ја поздрават гледката што им ги разубавуваше минатите денови. И јас бев таму некаде.

Со главата протната низ решетките на железната ограда од нашиот двор, со влажен поглед ги отпраќав шарените коли влечени од најубавите коњи што некогаш ги бев видел. Една по една, низ прашината на патот, ми се губеа од погледот некаде по удолнината. Најпрво од поглед ја снема колата на одачот по жица, потоа онаа на голтачот на оган а еве сега полека се губи и онаа на гатачката. Полека но сигурно, циркускиот караван со своите триесетина разнобојни коли исчезна од видикот.

Бришејќи си ги солзите што ми течеа по образите, со раце извалкани од `рѓавото железо , слушав како мојата куќа врие од гласови! Дедо ми повторно кашлаше стутулен којзнае во која соба дури татко ми на цел глас го колнеше виновникот што му ја изместил антената од радиото. Мајка ми, како по обичај, бараше каде ли сум се сокрил овој пат:
"Синко!! Ајде доаѓај да ги пробаш панталоните!! Ајде! Знаеш дека утре ти е прв ден на училиште! Синко!! Не ме терај да ја барам прачката!!" - се дереше на цел глас.

Ете, тоа циркусот воопшто не си одеше но доаѓаше. Се враќаше од заслужен едномесечен одмор. Заслужен не за циркусот, но за мене.